Содржината на Спогодбата меѓу македонската и руската Влада за вклучување на нашата држава во гасоводот "Јужен тек" од вчера е достапна за јавноста. Изминатите денови опозициската СДСМ во неколку наврати побара од Владата да го објави овој документ, а сега на веб страницата на Министерството за финансии може да се прочита интегралниот текст на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот - кракот за испорака на гас во Република Македонија, потпишана на 23 овој месец во Москва. Во спогодбата стои дека двете страни го помагаат проектирањето, изградбата и користењето на кракот од магистралниот гасоводен систем кој го гради Руската федерација. Како овластена организација од македонска страна се наведува енергетското друштво "Македонски енергетски ресурси", а од руска, отвореното акционерско друштво "Газпром".
Содржината на Спогодбата меѓу македонската и руската Влада за вклучување на нашата држава во гасоводот "Јужен тек" од вчера е достапна за јавноста.
Изминатите денови опозициската СДСМ во неколку наврати побара од Владата да го објави овој документ, а сега на веб страницата на Министерството за финансии може да се прочита интегралниот текст на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот - кракот за испорака на гас во Република Македонија, потпишана на 23 овој месец во Москва.
Во спогодбата стои дека двете страни го помагаат проектирањето, изградбата и користењето на кракот од магистралниот гасоводен систем кој го гради Руската федерација. Како овластена организација од македонска страна се наведува енергетското друштво "Македонски енергетски ресурси", а од руска, отвореното акционерско друштво "Газпром". Тие треба да извршат анализа со цел да се одреди техничката, економската, еколошката и финансиската оправданост на реализацијата на проектот за гасоводен крак и со тоа да ја потврдат целисходноста на неговата реализација.
- По одобрувањето на анализата гасоводот ќе го гради заедничка компанија регистрирана во Македонија, во која основачките од двете земји ќе поседуваат по 50% од капиталот, но можат да се договорат да привлечат и нови акционери. Таа компанија ќе биде сопственик на инфраструктурните, производствените и другите објекти на кракот на територијата на државата - стои во Спогодбата.
Трасата на кракот за Македонија, од каде ќе влезе и неговата проектирана пропусна моќ ќе се утврдат врз база на техничко економски пресметки. Рускиот основач на компанијата треба да обезбеди полно користење на неговиот капацитет за да обезбеди рентабилност. Изведувачот треба да се избере на тендер, со предност на македонски и руски компании при понудени еднакви услови. Македонија треба да ги обезбеди парцелите, да обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија и да му даде на кракот статус на објект од национален интерес.
- Оваа Спогодба има рок на важење од 30 години, по што автоматски треба да се продолжи на пет години, доколку некоја од страните не побара да се прекине девет месеци пред истекот на рокот - се вели во Спогодбата.
Како што претходно најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со реализацијата на овој документ ќе се обезбедат сигурни количини гас за Македонија, ќе се забрза гасификацијата, а со тоа ќе и се даде поттик на економијата на земјата. Македонската Влада успеа да се вклучи во овој капитален проект по извесен период на преговори и подготовки, иако на почетокот не беше составен дел на Јужен тек". Според Ставрески, договорот ја опфаќа и изградбата на националната гасоводна мрежа, во што учество ќе има и руската страна и со тоа ќе се затвори клириншкиот долг што го имаме со Русија.
Јужен тек" почна да се гради минатата година. Се очекува до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.